Се повеќе се зборува за важноста од физичка активност во текот на бременоста. Дури и…
Schroth метода за работа на деформитети на ‘рбетот
Од неодамна станавме сертифицирани Шрот терапевти. Од сега во нашиот центар може да се третираат сколиози и кифози, кај деца, адолесценти и возрасни. Шрот методата е една од најпознатите неинвазивни методи за работа на сколиози во светот и нејзината примена е широко распостранета.
Што е Шрот метода?
Шрот методата е физиотерапевтски третман базиран на вежби кои помагаат во справувањето со сколиози без хируршки третман. Вежбите се креираат за секоја кривина индивидуално, бидејќи ниту една сколиоза не е иста. Со овој метод се има помогнато на многу луѓе со деформитети да ја подобрат својата постура, да се подобри квалитетот на животот и намалат симптомите предизвикани од сколиозата. И како најважен успех се смета избегнување на операција кај големи кривини.
Целта на Шрот е да се доведе кривината до неутрална позиција колку што дозволува самиот ‘рбет. Тоа се постигнува со де-ротација, елонгација и стабилизација на кривината во сите три рамнини на телото. Самата метода работи тридимензионално, бидејќи сколиозата прави промени во ‘рбетот во сите три рамнини. Или на македонски, сколиозата не е само искривување на ‘рбетот на страна туку има компоненти и на ротација на пршлените и зголемување/намалување на кифозата во торакалниот дел и лордозата во лумбалниот дел.
Кои се принципите на работа на Шрот?
Во Шрот се користат истегнувања и вежби со кои се прават корекции на кривината во сите три рамнини. Еден од најважните принципи е 3Д дишењето во конкавитетите на кривината. Исто така се става голем акцент на корегирана/свесна постура во текот на денот и при изведување на секојдневите активности. Шрот вежбите може да се изведуваат и додека се носи ортоза.
Најпрво се работи со физиотерапевт под надзор. Потоа се даваат вежби кои може да се изведуваат дома. Вежбите се статични каде што телото е наместено во корегираната позиција со помош на свиткани пешкири, ролер, јога блокови, стапови и столчиња. Од тука се прави активација на мускулатурата и се додава вежбата за дишење. Исто така се користат и мобилизациски техники кога станува збор за структурна/ригидна сколиоза со што се зголемува обемот на истата.
Какви резултати може да се очекуваат од Шрот?
Кај многу луѓе се гледаат видливи резултати во намалување на ротацијата по завршување на третманите. Сесиите може да бидат од 5-20. Исто така кај напредни пациенти вежбањето под надзор може да се продолжи во мали групи. Една сесија трае од 45 минути до еден час. Освен подобрување и намалување на степенот на кривината, се подобрува и козметичкиот изглед нешто што е исто така многу важно за адолесцентите и децата. Со намалување на кривината и подобрување на клиничката слика се намалуваат и болките предизвикани од самата сколиоза, се зголемува капацитетот на дишење на белите дробови.
И најважна цел на Шрот е да се спречи прогресија на кривината. Доколку се постигне тоа кај деца со зголемен ризик на прогресија во раст и развој тогаш тоа се смета за постигнат голем успех од третманот.