skip to Main Content

Примена на стегачи и ортози за зглобовите

Постојат различни стегачи и ортози кои што се користат за различни повреди и состојби. Важно е да знаеме кога, како и колку време треба да се применуваат за да не бидат злоупотребувани и да направат поголема штета отколку добро.Најпознати ортози и стегачи се оние за склочниот зглоб и коленото. 

Стегачите за стапало некогаш се користат превентивно за да не настане некоја повреда или пак како заштита откако ќе настане повреда, најчесто свиткување на зглобот. Генерално носењето на стегач превентивно не е многу препорачливо, бидејќи самиот зглоб си има мускули, тетиви и лигаменти кои што го одржуваат стабилен. Со постојано носење може само да им се намали фунцкијата на истите и понатаму да дојде до полесно настанување на повреда. Стегач или бандажирање на склочниот зглоб при спортска активност се препорачува само доколку предходно веќе имало некаква повреда на склочниот зглоб. Бандажирањето го користат професионалните спортисти од кошарката, одбојката, ракометот и фудбалот. Стегач или пак ортоза за склочен зглоб се носи при акутна повреда или пак постоперативно. 

Доколку станува збор за свиткување на склочниот зглоб, тогаш може да ставите стегач како начин за стабилизирање и намалување на отокот од повредата. Но не треба да го носите повеќе од три дена. Доколку сеуште имате болка во зглобот и по поминување на три дена препорачливо е да посетите доктор за да се исклучат посериозни оштетувања. 

Ортоза на склочен зглоб се носи по некој оперативен зафат, најчесто носењето на ортоза е пропратено со носење и на штаки во првите денови/недели од операцијата се со цел зглобот да заздрави и да се растерети. Ортозата се трга во зависност од клиничката слика и каков е текот на рехабилитација, што варира од пациент до пациент.

Стегачите и оротозите за колено се исто така доста користени производи. Најчесто стегач за колено се носи кога имаме болка во коленото при некакво оптеретување, дали симнување од скали или планина, по повреда на коленото или кај оние кои што патат од некое ревматско заболување како што е арторазата.

Исто како и кај склочниот зглоб, така и за коленото важи правилото дека стегачот не треба да се носи постојано и во недоглед. Самото колено е комплексен зглоб што значи дека има многу мускули, лигаменти и тетиви кои со соодветни вежби може да се зајакнат и болката да се намали или да исчезне. Може да се користи кога веќе ќе ја почувствувате ногата изморена или пак доколку сакате да работите со поголеми тежини или се симнувате надоле од планина по долга тура. Но и тоа користење треба со текот на времето да се сведе на минимум и понатаму комплетно да се исклучи. Со постепено адаптирање на онаа активност на која се појавува болката може да се тргнат од прекуумерена употреба сите овие помагала.

Ортозата за колено исто како и кај склочниот зглоб се користи постоперативно и на почеток на рехабилитацискиот процес. Има намена да го заштити коленото, како и да го одржува во одредена позиција која е најсодветна за самата операција. Кога ќе се зајакне коленото и ќе почне да се оптеретува таа нога тогаш од ортоза може да се премине на стегач и потоа и стегачот комплетно да се исфрли од употреба.

Други стегачи и ортози кои што се користат се за рамото, лакот како и за зглобот на шаката и прстите. Сите ја имат истата намена, да го растеретат зглобот по повреда, да го обезболат и привремено заштитат од доплонителни оштетувања. 

Но, како и за коленото и склочниот зглоб, така и за сите останати зглобови важно е да се прават соодветни вежби за да се зајакнат околните структури и да се подобри мобилноста на зафатените зглобови, а со тоа да се намали и болката. Користењето на стегачи и ортози треба да е секогаш на краток рок и колку што може побрзо да се исфрлат од употреба.

Back To Top