skip to Main Content

Лордоза

Што е лордоза?

Лордозата е природно искривување во лумбалниот ‘рбет. Но кај некои луѓе оваа нормална кривина е премногу изразена и нагласена. Се карактеризира со впечатлива вдлабнатина во лумбалниот дел, карлицата е навалена кон напред и стомакот е испакнат повеќе од вообичаено.

Типови за лордоза

Постојат 5 типа на лордоза. И тоа постурална лордоза, конгенитална/трауматска лордоза, невромускулна лордоза, секундарна лордоза од контрактура на флексорите на колкот и пост-оперативна лордоза.

Постуралната лордоза најчесто е причина од прекумерена тежина и слаба мускулатура во делот на стомакот и грбот.  Кога мускулатурата е слаба таа не може да го задржи ‘рбетниот столб од влечењето на тежината и со тоа доаѓа до изразување на лордозата.

Конгенитална/трауматска лордоза може да настане од некоја спортска повреда кај деца или пак при пад од високо. Тука доаѓа до повреда на сегментите во ‘рбетниот столб со што може да доведе до појавување на лордоза. Некогаш причината е конгенитална, што значи постои некоја грешка при развивање на ‘рбетот и неговите околни структури. Со повторувачка активност на овие веќе слаби структури може да настане спондилолиза.

Постоперативна хиперлордоза. Оваа лордоза може да се забележи кај ламеноктомија, оперативен зафат со кој се отстранува дел од пршленот за да се добие пристап до нервните корени и ‘рбетниот мозок. Кога оваа процедура се изведува на повеќе нивоа на ‘рбетот може да направи нестабилност и да го зголеми нормалното искривување што го имаме на лумбалниот ‘рбет.

Невромускулна лордоза. Овој тип на лордоза вклучува многу заболувања и состојби кои што може да влијаат во искривување на нормалните кривини на ‘рбетот. За секоја состојба има различен третман како да се реши.

Секундарна лордоза од контрактура на флексорите на колкот. Во оваа група спаѓаат специфична група на пациенти кои што имаат контрактура(скратување) на мускулатурата која е задолжена за флексија на колкот. Кога се случува контрактура тогаш скратената мускулатура може да го измести ‘рбетот од неговата природна кривина и да предизвика лордоза. Контрактурата може да потекнува од инфекција, повреда или пак мускулен дисбаланс од различни состојби.

Најчеста причина за лордоза е постуралната лордоза и конгениталната/трауматската лордоза. И во двата случаи мускулниот дисбаланс може да се реши со специфични вежби за таа проблематика.

Третман на лордозата

Доколку не станува за сериозно искривување, или пак лордоза која потекнува од некое заболување кое бара хируршки третман, лородозата може да се третира на следниот начин:

  • Со физиотерапија, доколку станува збор за присуство на болка тогаш може да се примени мануелна терапија која би ги опуштила мускулите на грбот и колкот. Исто така може да се аплицира електротерапија доколку од лордозата има други симптоми како болка долж нога, отрпнатост и во некои екстремни случаи инконтиненција.
  • Кинезитерапија е најважниот дел од третманот за лордоза, особено во детска возраст кога ‘рбетниот столб не е сеуште окостен и се има простор за работа да се намали изразената кривина. Кај возрасни се работи на балансирање на мускулатурата на грбот и колкот. Најчесто стомачната мускулатура треба да се јакне, флексорите на колкот да се тегнат, грбната мускулатура лумбално да се тегне и да се учи неутрална положба на карлица при изведување на останати вежби за да не дојде до изразување на лордозата.
  • Доколку од лордозата имате болка тогаш секогаш може да се вклучи и медикаметозна терапија со која би се намалило воспалението. Но ова не треба да биде трајно решение. За решавање на проблемот секогаш е најдобро да се комбинира физиотерапија и кинезитерапија.
Back To Top