skip to Main Content

Дијагностички снимки и нивното значење

Дијагностичките снимки се прават кога имаме некоја траума или пак необјаснета болка. Исто така тие наоѓаат голема примена во медицина за поставување на многубројни дијагнози кои не го засегаат само мускулоскелетниот систем. Тука ќе зборуваме за нивното значење во физиотерапија. Снимките може да се добијат од ренген, магнетна резонанца, компјутерска томографија. Како прв избор за мускулоскелетниот систем секогаш се ренген снимките и доколку треба понатамошно испитување се прави и магнет.

Но дали е потребно за секое вкочанување или најмала болка да се прави веднаш ренген за да се постави дијагноза? Дијагностичките снимки треба да се прават кога е потребно да се исклучи некоја посериозна состојба која што има слични симтоми како некои состојби кои што го засегаат мускулоскелетниот систем. Најчесто тоа е кога имаме неколку црвени знамиња при земање медицинска историја на пациентите. Под црвени знамиња се сметаат сосотојби како нагло необјасливо губење на телесна тежина, силна болка која што буди навечер, губење на апетит, дисфункции на мочниот меур, слабост во долните екстремитети, историја на траума, историја на рак, имуносупресија и седална анастезија.

Доколку не постојат црвени знамиња при земање на анамнезата тогаш снимањето може да не се прави или пак да се одложи за подоцна. Во европските земји доколку имате необјаснета болка повеќе од 7 недели, која што не поминува тогаш се смета дека е време да се направи ренген снимка за да се исклучат некои посериозни оштетувања. 

Покрај технолошкиот напредок причината за самата болка може да биде најдена само кај 50% од случаите. Се повеќе истражувања покажуваат на тоа дека не мора да постои врска помеѓу интензитетот на болката и промените видени на снимките. Најчесто самите снимки ретко ја покажуваат причината за настанување на болката, нејзиниот интензитет како и зашто толку долго трае. Особено кај хроничната болка каде што причината за болката не е самото оштетување на ткивото туку се вклучени многу повеќе механизми.

При направени истражувања кај асимптоматски пациенти (луѓе кои не чувствуваат никаква болка) е откриено присуство на дискус хернија кај 87% од 20-70 години, дегенрација на дискот кај 37% кај 20 годишни и 96% кај 80 годишни. Оштетување на рскавицата имало кај 68% од испитаниците. Од 40 до 70 години кај 78% било најдено истенчување на рскавицата, а општи абнормалности имало дури кај 98% од испитаниците. Артроза на колената била присутна кај 56%.

Самите бројки укажуваат на тоа дека поставување на дијагнозата не значи дека е откриена причината за самата болка. И најчесто во нашата пракса кога ќе се даде име на болката процесот на заздравување е поспор, пациентите се уплашени за својата состојба и ги намалуваат секојдневните активности со цел да се ‘заштитат’ од понатамошно оштетување и болка.

Со ова не сакаме да ги дескретитираме дијагностичките снимки како начин за поставување на дијагноза и наоѓање на решение за проблемот. Во некои случаи снимките се живото спасувачки. Но во контекст на хронична болка во мускулоскелетниот систем имаат многу мала важност во натамошниот третман и лечење.

Back To Top