Од неодамна станавме сертифицирани Шрот терапевти. Од сега во нашиот центар може да се третираат…
Дискус хернија, анатомија, третман и прогноза
На ваше големо барање ќе ја обработиме детално темата за диксус хернија. Што е дискус хернија, што значи добивање на дијагноза дискус хернија, како може да се третира истата и кој е исходот од третманите.
Анатомија
Дискус хернија е дегенеративно заболување на ‘рбетот. Таа може да се појави на било кое ниво, некогаш може да биде присутна и на повеќе сегменти на рбетниот столб. Најчесто ја има во лумбалниот и цервикалниот дел. Коските што го оформуваат ‘рбетот се амортизирани од дисковите. Дисковите се округли, како мали перници, со силен надворешен дел кој што се вика анулус кој што го опкружува внатрешниот дел на дискот (нуклеус). Тие дејствуваат како амортизери за рбетниот столб.
Хернија на дискот се случува кога дел од внатрешниот дел (нуклеус) ќе се притисне кон надворешниот дел (анулус), некогаш може да дојде до расецпување или руптура на анулусот.
Причина
Најчеста причина за настанување на дискус хернија е некое ненадејно движење или кревање на поголема тежина со оптоварување само на грбот. Но, самата дискус хернија бидејќи е дегенеративно заболување настанува со текот на годините. Околните меки ткива околу ‘рбетот како што се лигаментите ослабуваат и како што започнува овој дегенеративен процес некогаш е потребно и мал напон за да настане повреда на дискот.
Симптоми
Симптомите варираат кај секој различно во зависност од големината на дискус хернијата. Некогаш се сведува само на локална болка каде што е засегнатиот сегмент. Може да биде пропратена со згрчување на мускулатурата, ограничени движења или пак да нема воопшто никаква болка.
Доколку дискот допира до некој нерв, тогаш може да се појави болка долж екстремитетите, слабост и трнење. Кога е засегнат нерв болката може да биде остра или пак тапа, пропратена со чувство на трпки или губење на чувството на допир долж засегнатиот нерв. Најчесто само една страна е зафатена. Кај секој болката различно се провоцира и затоа е многу важно секогаш да се има индивидуален пристап за да се обезболи местото. Кај некој со дискус хернија на лумбална кичма може да одговара положба на флексија на грбот (Вилијамсови вежби), кај други да одговара положба на екстензија на грбот (Мекензи вежби).
Некогаш само згрчување на мускулатурата од преоптуварување или стрес може да дадат слични симптоми како дискус хернија. Затоа е важно секогаш да се прават ортопедски тестови како и тестови за невродинамика за да се утврди причината за појавување на болката.
Третман
Третманот за диксус хернија во акутна фаза е секогаш со медикаметозна терапија. Најчесто се препорачува ибобруфенот како нестероиден антиинфламаторен лек кој што помага да се смири воспалението. Во комбинација може да се користат и Б витамини, магнезиум, понекогаш и бензодијазепами за да се опушти мускулатурата. Во екстремни случаи се аплицираат и кортикостероиди кои што драстично помагаат во намалување на болката и воспалението. Но медикаметозната терапија се користи само во првите неколку дена кога движењето е ограничено, некогаш сведено на минимум.
Секогаш доколку состојбата дозволува уште при настанување на повредата може да се раздвижувате низ дома и да си ги обавувате секојдневните активности. Веќе од третиот ден доколку болката е намалена може да се започне со лесни вежби како движење на карлицата, истегнување на мускулатурата на колкот или пак рамената доколку станува збор за дискус хернија на врат и вежби за дишење кои ќе ви помогнат во справување со згрченоста на мускулатурата како и намалување на интензитетот на болката.
По поминување на акутната фаза може да се започне со физикална терапија која може да вклучува електротерапија, екстензии на ‘рбетот, мануелна терапија и најважното кинезитерапија (терапевтски вежби).
Кинезитерапијата е еден од најважните третмани во процесот на рехабилитација на дискус хернијата. Со нејзе се зајакнува мускулатурата на грбот и сите околни меки ткива на рбетниот столб. Бенефитите од кинезитерапија се долгорочни и допринесуваат до намалени шанси за повторно појавување на симптомите.
Поставување на дијагноза
Оваа тема подетално ни е објаснета на следниот линк, но ќе напишеме и тука кратко.
Правење на ренген и магнет снимки треба да се практикува само кога има индикација за тоа. Индикации за ренген и магнет снимки се кога болката не поминува повеќе од 6 недели, имате јака ноќна болка, болка долж екстремитетите, слабост на екстремитетите, дисфункција на мочен меур или црева, паднато стапало. Некогаш во некои случаи итноста е поставување на дијагноза е многу важна и единствен третман е оперативен зафат, но најчесто во 80% од болките во грбот може да се решат со конзервативен третман.
Прогноза
Прогнозата за дискус хернија е многу добра. Тоа значи дека дури и да ви е поставена дијагноза на дискус хернија исходот од третманите на луѓето со дискус хернија е многу добар. Најчесто дури и ништо да не превземете подобрување на симптомите ќе имате по две недели, најдоцна до шест недели од настанување на повредата.
Кога веќе болката ќе помине во хронична тогаш се вклучени повеќе механизми во нервниот систем и телото, а многу малку има поврзаност со оштетување на ткивата, во тој случај многу мала поврзаност има со дискус хернијата.
Мора да напоменеме дека постојат нови истражувања кои докажуваат дека има спонтано повлекување на дискус хернија 7 до 9 месеци по појавување на истата, со што се повеќе се докажува дека оштетувањата на ткивата се многу малку поврзани со клиничката слика на хроничната болка.