skip to Main Content

Вежби за карлично дно во бременост и постпартум

Се повеќе се зборува за важноста од физичка активност во текот на бременоста. Дури и тоа да е само пешачење, бенефитите за мајката и плодот се бесконечни. Нешто на кое што треба да се даде дополнителен фокус се вежбите за карлично дно во текот на бременоста како и по породувањето.

Зашто треба да се прават вежби за карличо дно?

Мускулите на карличното дно ги поддржуваат мочниот меур, матката и цревата. Мочниот канал, анусот и вагината поминуваат низ мускулите на карличното дно. Многу често, кога ќе се спомнат вежби за карлично дно прво што ни доаѓа на мисла се Кегел вежбите. Што не е воопшто погрешно, но само со изведување на Кегел вежбите нема да направите премногу бидејќи се доста изолирани.

Вежбите за карлично дно треба да се прават доколку сакате да избегнете уринарна инконтинеција, пролапс на матката при пораѓање, болка во карлица и колкови како и болка при секс.

Со вежбите може да си ја олесните самата бременост, да се намалат болките кои ги чувствувате во колковите и пубичната коска од зголемениот товар. Исто така може да ви помогне при процесот на пораѓање и побрзо враќање на физичка активност во постпородилниот период.

Што се опфаќаат вежбите за карлично дно?

Пред се, зголемен фокус се дава на вежбите за дишење. Има поврзаност во активација и релаксација на карличното дно со движење на дијафрагмата нагоре и надоле при вдишување и издишување. Така да примарниот фокус, особено во постпородилниот период се вежбите за дишење. 

Потоа се работат вежби за зајакнување на мускулатурата на јадрото и карличното дно. Дел од вежбите се прават синхронизирано со кегел вежбите. Сите вежби се изведуваат со синхронизирано дишење соодветно за вежбата која што се изведува. Вежбите треба да бидат лесни за совладување.

Како и секоја програма за вежбање не можеме да изолираме само една група на мускули за да ги добиеме посакуваните резултати. Телото функционира во синергија, па затоа се даваат вежби и за мобилност на колкот, мобилност на горен дел на грбот како и вежби за јакнење на нозете и грбот. Со подобрување на мобилноста на телото се зголемува обемот на движење, а со тоа и се добива посоодветна активација на таргетираната мускулатура.

Кога може да се започне со вежбите за карлично дно?

Доколку сте бремени тогаш со вежбите може да започнете по дванаесетата недела од бременоста доколку самата бременост е уредна и имате одобрение од вашиот доктор. Кога станува збор за постпородилниот период, со вежбите за карлично дно може да се започне веднаш по пораѓање. Доколку пораѓањето е со царски рез, тогаш вежбите може да се работат по 24 часа. Или пак доколку сте имале епизиотомија и раната е болна првиот ден со вежбите може да се започне веднаш што се смират болките.

Вежбите се безбедни за започнување веднаш по пораѓањето бидејќи се работат само вежби за дишење и изолирано кегел вежби, кои што може да ги изведувате од легната положба на кревет. Кога станува збор за царскиот рез, како и секоја операција така и за оваа важно е побрзо да започнете со раздвижувања. Со тоа процесот на рехабилитација и враќање на секојдневните обврски да биде полесен.

Back To Top