skip to Main Content

Дијастаза

Нешто што е доста актуелно во последно време е активно зборување за дијастазата, како може да ја превенираме и доколку ја имаме како можеме да ја третираме. Тргнувајќи од фитнес тренери кои се повеќе се едуцираат на оваа тема, до достапни фитнес програми за пост породилен период кои ја опфаќаат оваа проблематика. 

Што е дијастаза?

Дијастазата представува раздвојување на абдоминалната мускулатура, поточно на m.rectus abdominis. Тоа настанува пред се од зголемување на матката и растегнување на абдоминалната мускулатура. Физиолошка дијастаза е нормална и очекувана по бременоста, таа се карактеризира со мало одвојување на абдоминалната мускулатура, до еден и пол прст. Секое разделување што е поголемо од еден и пол прст се смета за дијастаза и треба соодветно да се третира.

Фактори кои може да влијаат за појавување на дијастаза се слаба абдоминална мускулатура, голем физички напор во бременоста, особено во трето тримесечие, втора или близначка бременост.

Како може да се превенира појавување на дијастаза?

Една од причините за појавување на дијастаза, покрај горенаведените е зголемување на интраабдоминален притисок во стомакот. Самата бременост и плодот допринесуваат за зголемување на интраабдоминалниот притисок. Но, притисокот може дополнително да се зголеми со несоодветно дишење при вежбање односно задржување на воздухот при изведување на некој напор. Тоа може да биде и при секојдневни активности низ дома. Затоа е многу важно доколку вежбате да нема воопшто задржување на воздухот. Правењето на класични стомачни, пленк и секоја вежба која што дирекно го активира стомакот е контраиндицирана во бременост и треба да се избегнува.

Исто така треба да се внимава при станување од кревет од легната позиција, како и станување од софа. Кога веќе е пораснат стомакот, станувањето од кревет/под треба да биде со вртење на телото прво на страна па потоа да се бутнете со рака и да станете. Никогаш, особено не во третото тримесечие не треба да станување како да сакате да правите стомачни. Истото важи и за станувањето од софа во подоцнежна бременост. Прво ќе се навалите на страна и со помош на рака ќе станете.

И можеби најважно е да се внимава во постпородилниот период. Особено во првите 6 недели. Важат истите правила како и за во периодот на бременост. Треба да се избегнува напор со абдоминалната мускулатура. А кога ќе се вратите на физичка активност се прават модифицирани вежби за стомачната мускулатура.

https://www.instagram.com/p/CorTeoDNJIA/?hl=en

Како да проверите за дали имате дијастаза дома?

Тестот за дијастаза може да го направите дома. Легнувате на под, со колената свиткани, нешто како вежбата за стомачни. Има три точки на кои се проверува дали имате дијастаза. Едната е под папокот, втората е на самиот папок и третата е над папокот. Со кревање на главата и носење на брадата кон гради се активира абдоминалната мускулатура. Од тука, со дланката свртена надоле, прстите гледаат кон нозете, притискате измеѓу абдоминалната мускулатура. Доколку одвојувањето е поголемо од еден и пол прст тогаш станува збор за дијастаза. Истото го повторувате на сите три точки.

Третман на дијастаза

Доколку станува збор за дијастаза помала од три прсти, тогаш третманот е конзервативен, односно се работат специфични вежби. Доколку станува збор за дијастаза поголема од три прсти тогаш е препорачливо да се консултирате со абдоминален хирург за понатамошен третман. Дури и доколку решението е оперативен зафат, пред и по операцијата повторно се препорачани терапевтски вежби за забрзување на опоравувањето.

Враќањето на физичка активност секогаш треба да биде проследено со специфично избрани вежби, со кои нема да се направи поголема штета.

Во третманот на дијастаза може да се аплицираат и кинезитраки кои ќе ја поддржат дополнително абдоминалната мускулатура.

Зашто е важно да се третира дијастазата?

Доколку ја оставите дијастазата нетретирана, без разлика дали сакате да се вратите на некаква физичка активност, може да се појават симптоми како:

  • Болка во лумбалната мускулатура
  • Болка во колкови и карлица
  • Чувство на слабост во абдоминалната мускулатура
  • Уринарна инконтиненција
  • Болка при секс
  • Констипација

Затоа е од голема важност да побарате помош при справување со оваа состојба за да не се соочите со долготрајните последици доколку остане нетретирана.

Back To Top